fbpx

Nissan ќе споделува ЕВ компоненти со својот партнер Renault

Компанијата Nissan ќе споделува клучни ЕВ компоненти со својот партнер Renault со цел дополнително да ги намали трошоците и да ја засили врската со францускиот производител

Nissan и Renault одат чекор понатаму во своето партнерство, откако јапонскиот производител најави дека ќе споделува поголем број на компоненти со француската компанија кои се клучни за електричните автомобили. Двата производители веќе ги споделуваат платформите, погоните и други компоненти заедно со третиот партнер Mitsubishi, но овие синергии веќе го „достигнаа максимумот“, вели еден од шефовите на Nissan, Ашвани Гупта, за Reuters.

„Ова партнерство го достигна максимумот кој треба да го имаме. Затоа, се насочуваме кон нови синергии користејќи ја електрификацијата како главен столб во соработката“, истакна Гупта.

Nissan, Renault и Mitsubishi ќе се фокусираат повеќе кон споделување на ЕВ компоненти како батерии, електромотори и електроника, а Алијансата ќе прифати униформиран стандард кој ќе „има значителен придонес“ врз економскиот обем. Развојот на батериите се смета за една од најслабите точки на Алијансата, со оглед на тоа дека Nissan и Renault се снабдуваат индивидуално со батерии.

Извршниот директор на Renault, Лука Де Мео, претходно овој месец истакна дека двата производители се во преговори за поблиско партнерство во полето на батериската технологија, додека од Nissan велат дека двете компании сега се договориле за заеднички спецификации на батериите.

Ашвани Гупта, пак, додаде дека електрификацијата нема да биде снабдувачки предизвик за Nissan поради нивното глобално снабдување со компоненти. Тој истакна дека јапонскиот производител веќе се снабдува со батерии од целиот свет, вклучително Кина, Јапонија, Европа и САД.

 

Поврзани вести

Back to top button