fbpx

Nissan ќе добие ново лого

Јапонската компанија Nissan во неколку земји го заштити изгледот на новото лого кое поседува значително поедноставен изглед

Дали Nissan се подготвува наскоро да го промени своето лого? Голем број медиуми веќе го објавија симболот кој го заштитил јапонскиот производител. Секако, се уште нема официјална потврда од страна на компанијата дека навистина во иднина ќе се користи ова решение. Сепак, она што е интересно е дека логото е заштитено во повеќе заводи за заштита на интелектуална сопственост, односно во повеќе држави.

Претставениот беџ на Nissan ја следи филозофијата која ја прифаќаат и останатите произведувачи, односно едноставно дводимензионално лого како што неодамна го направија BMW и Volkswagen, а тука се и Mini, Citroen и Lotus. Меѓутоа, во најголем дел споменатите брендови новото лого го користат во комуникациски цели, па нешто слично може да се очекува и од Nissan, односно претставеното лого не мора да значи дека по автоматизам ќе го видиме и на самите автомобили на јапонскиот производител.

Презентацијата на новиот амблем на Nissan се поклопува со претставувањето на новитетите од кои производителот има големи очекувања. Станува збор за популарните SUV модели Qashqai и X-Trail. Помалиот кросовер доаѓа во третата, додека поголемиот во четвртата генерација.

Исто така, треба да се напомене дека на фотографијата која кружи на интернет може да се забележи и новото лого за спортските модели со ознаката Z. Може да станува збор за наследник на моделот 370Z кој ќе го носи називот 400Z, а чие лого ќе биде слично со оние од старите модели – Datsun 240Z, 260Z и 280Z.

Поврзани вести

Back to top button