fbpx

Nissan, Renault и Mitsubishi најавија 35 ЕВ до 2030

Renault-Nissan-Mitsubishi алијансата го најави својот план за до 2030 година кој вклучува и претставување на 35 нови електрични возила

Алијансата Renault-Nissan-Mitsubishi го сподели својот план за понатамошен развој, а главна ставка во овој план е нивната цел за претставување на 35 нови електрични автомобили кои ќе бидат пласирани од трите бренда до 2030 година.

Престојните електрични возила ќе бидат базирани на пет заеднички платформи кои ќе никнат како плод на 23 милијарди евра инвестиција во следните пет години. Од Алијансата велат дека ќе ја прошират употребата на заеднички платформи, која ќе се зголеми од 60 проценти на 80 проценти до 2026 година.

На петте платформи ќе се најдат 90 проценти од 35-те нови електрични автомобили. Во овие пет платформи се вклучени CMF-AEV (Dacia Spring), Kei-EV (Kei), LCV-EV (Renault Kangoo, Nissan Townstar), CMF-BEV (Renault 5, Renault 4ever SUV и LCV, Alpine, наследникот на Nissan Micra), како и CMF-EV (Nissan Ariya, Renault Megane E-Tech). Последната платформа ќе служи како база за повеќе од 15 модели до 2030 година во јадрото на C и D сегментите. Алијансата тврди дека нивната стратегија за петте ЕВ платформи ќе резултира со најголемата глобална понуда во индустријата.

Потврдени се електрични модели за секој бренд

Почнувајќи со Mitsubishi, компанијата ќе го засили своето присуство во Европа со додавање на два нови модели во опсегот базирани на бестселерите на Renault. Ова ги вклучува новата генерација на Mitsubishi ASX, кој најверојатно ќе ја споделува архитектурата со следните Renault Captur и Nissan Juke модели, како и уште еден неименуван модел. Двата ќе пристигнат во 2023

Од друга страна, Nissan ќе претстави 23 електрифицирани модели до 2030, но се уште не е јасно колку од нив ќе бидат целосно електрични. Јапонскиот производител додаде дека следната генерација на Micra ќе биде целосно електричен модел базиран на CMF-BEV платформата. Електричниот супермини ќе биде дизајниран од Nissan, но произведуван од страна на Renault во северниот дел на Франција како „брат“ на Renault 5. Исто така се очекува и целосно електричен кросовер, кој се најавува како наследник на Nissaan Leaf.

На крајот, Renault веќе ја најави својата идна електрична постава во јуни 2021, па така нема најави за нови модели. Веќе знаеме дека Renault 5 ќе започне со производство пред крајот на 2022, а Renault 4ever SUV моделот и неговиот LCV близнак ќе следуваат во 2024. Покрај електричните модели, Renault ќе пласира нов SUV со седум седишта базиран на CMF-D архитектурата кој ќе биде поставен над престојниот Austral.

Nissan задолжен за новите батерии, Renault за конективноста

Со оглед на тоа дека новите 35 електрични автомобили ќе имаат поголема потреба од батерии, Алијансата Renault-Nissan-Mitsubishi планира да ја засили заедничката батериска стратегија со цел да обезбеди глобален производствен капацитет од 220 GWh до 2030. По минатогодишната најава за Envision AESC и Verkor како нови батериски снабдувачи за Renault Групацијата, целта на Алијансата е да се намалат трошоците за батерии до 50 проценти во 2026, а за 65 проценти до 2028, како клуч за да се направат електричните автомобили подостапни. Следната цел ќе биде ASSB технологијата за целосно цврсти бабтерии, a Nissan ќе биде главен за овој развој. Новата батериска технологија ќе има двојно поголема енергетска густина во споредба со актуелните литиум-јонски батерии, а притоа ќе се намали времето за полнење на една третина. Првите вакви батерии ќе се најдат на пазарот до средината на 2028.

Алијансата исто така е фокусирана на конективноста со 25 милиони возила поврзани на Alliance Cloud до 2026, што е значително зголемување во споредба со 3 милиони конектирани возила денес. Renault ќе го предводи патот за Алијансата да развиен „заедничка централизирана електрична и електронска архитектура“ со првото „целосно софтверски-дефинирано возило“ кое ќе пристигне до 2025. Покрај ова, Алијансата ќе биде првата која ќе го претстави Google екосистемот во своите автомобили, нудејќи over-the-air унапредувања низ животниот циклус на моделите. Кога станува збор за безбедноста, 45 модели на Renault-Nissan-Mitsubishi Алијансата ќе бидат опремени со автономни возачки системи до 2026, со повеќе од 10 милиони возила на патиштата.

Карбон-неутрални до 2050

Презентацијата пристигнува година и половина откако Renault-Nissan-Mitsubishi го најавија својот нов бизнис модел со цел да се поддржи конкурентноста на секој бренд и да се зголеми профитабилноста. Жан-Доминик Сенар, претседателот на Алијансата изјави: „Трите членки-компании ја дефинираа заедничката мапа кон 2030, споделувајќи инвестиции во идните електрификациски и контеквини проекти“, притоа потврдувајќи дека целта на Алијасната е да стане карбон-неутрална до 2050.

 

Поврзани вести

Back to top button