Ново сериозно поскапување на горивата, цените рушат рекорди
Ценовниот шок кога станува збор за горивата продолжува и понатаму, откако синоќа РКЕ донесе нова одлука за малопродажните цени
По драстичното поскапување на горивата во понеделникот, РКЕ реагираше одново и синоќа донесе нова одлука која почнува да важи од денес, со која одново драстично ги поскапува горивата. Согласно методологијата за утврдување на цените, новите цени на нафтените деривати се за 6,88 проценти во однос на цените кои беа воведени во понеделникот.
Според најновата одлука, цените на бензините Еуросупер се зголемуваат за 3,50 денари по литар, додека Еуродизелот поскапува за цели 8,50 денари, со што се достигнуваат рекордни цени на пазарот во Македонија.
Со други зборови, од денес литар Еуросупер БС-95 ќе чини 93 денари, Еуросупер БС-98 ќе се продава за 95 денари, додека Еуродизелот достигнува неверојатни 94 денари за литар наточено гориво.
Се чекаат промени кај акцизата
И покрај најавите од Владата дека ќе интервенира со измени во делот на ДДВ и акцизите се со цел да се зачува стандардот на граѓаните, како и најавено намалување на цените, сепак вчера РКЕ реагираше и одново драстично ги поскапи цените кои секако ќе влијаат и на други сегменти и стопански гранки во државава. Од РКЕ истакнаа дека ја намалиле трговската маржа за 33 проценти, но се уште очекуваат промени кога станува збор за акцизата, одлука која треба да ја донесе Владата.
“Донесовме одлука со која ја намаливме трговската маржа за 33% на сите трговците со нафтени деривати. Ова е единствен механизам кој на РКЕ му стои на располагање. И сега го активираме затоа што ова се вонредни услови, и мора сите да покажат солидарност. На овој начин, во крајната цена влијаеме делумно да се амортизира огромниот пораст. Дополнително олеснување врз притисокот на крајната цена ќе бидат и најавените измени во делот на ДДВ и акциза, кои апелираме побрзо да се донесат.“ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Од РКЕ истакнуваат дека цените на сите нафтени деривати на светските пазари бележат зголемување и тоа кај бензинот за речиси 9 проценти, а кај дизелот за дури 16,8 проценти.