Volkswagen го претстави обновениот Tiguan
Tiguan е најдобро продаваниот продукт на Volkswagen и кросовер бестселерот доби свое освежување како и неколку нови варијанти
Актуелната, втора генерација на Volkswagen Tiguan во продажба е веќе подолго од три години, а имајќи ја предвид се посилната конкуренција, рестилизацијата на средината од неговиот животен циклус беше неопходна и пристигна во вистинско време.
Како што можеше да се забележи и претходно на објавените шпиунски фотографии, обновениот Tiguan пред се доби модифициран преде дел, со стандардни LED светла кои наликуваат на оние на новиот Golf и нова маска, со променет поспортски браник со понагласени отвори за воздух. На задниот дел измените се нешто помали, но кросоверот сепак добива некои новини како светлата со нова графика и натписот Tiguan под VW логото, како и дотераниот браник.
Tiguan мина и низ модернизација на внатрешноста каде доби нов мултифункционален управувач, поквалитетни материјали, дигитална инструмент табла која се нуди во големина од 8 или 10,25 инчи, потоа најновиот инфозабавен систем MIB 3, систем за амбиентално осветлување со 15 бои, а тука е и Fender Premium ауди системот од 480 вати. Во повисоките нивоа на опременост автомобилот е опремен и со контроли на допир, како и „хај-тек“ систем за контрола на клима уредот.
Дел од опремата, меѓу останатото, сочинува и адаптивен темпомат и Travel Assist систем за полуавтономно возење, кој функционира до брзина од 209 километри на час.
Tiguan добива R и plug-in варијанта
На американскиот пазар обновениот Tiguan ќе се нуди со четирицилиндричниот TSI турбо бензинец со 187 КС и 300 Nm вртежен момент, во комбинација со осумстепен автоматски менувач и Start & Stop систем. Во Европа ќе се нуди и новата спортска верзија на Tiguan R која има 2,0-литарски четирицилиндричен турбо бензинец со 320 КС, а тука е и plug-in хибридната варијанта со 245 КС, за прв пат кај Tiguan. Овој погонски склоп ќе му овозможува на германскиот SUV да помине 50 километри во чисто електричен режим на возење.
Tiguan R пристигнува во комбинација со DSG менувач, погон на двете осовини и поголеми алуминиумски тркала. Тука е и специјалниот aero body kit кој вклучува преден спојлер, прагови, заден дифузор, заден покривен спојлер и така натаму. Автомобилот добива и модифициран систем на потпирање, спортски издувен систем, посилен систем за сопирање, како и спортски седишта и управувач.
Новина е тоа што Tiguan пристигнува со дополнителен систем за чистење на издувниот систем кај дизел моторите. Благодарение на двата SCR катализаторски конвертери, Tiguan би требало да биде подготвен да ги пресретне најновите стандарди за емисија на гасови. Кога станува збор за дизем моторите, на почетокот од понудата ќе се најде моторот со 122 КС, додека на врвот ќе биде оној со 200 КС. Кај бензинците основата започнува со моторот од 130 КС.
Во Европа, Volkswagen Tiguan ќе се најде во продажба наскоро, барем кога станува збор за нормалните верзии и за plug-in хибридот. Кога станува збор за Tiguan R, оние кои се заинтересирани ќе мораат да почекаат малку повеќе, со оглед на тоа дека би требало да биде достапен кон крајот на 2020 година.