Премиера за продукциската верзија на Nissan Z Coupe
Настрана се поголемата офанзива кон електромобилноста, Nissan подготвува завршен удар со продукциската верзија на Nissan Z
Откако беше претставен Z Proto во текот на минатата година, Nissan сега ја претстави и продукциската верзија на својата Z серија која го задржува изгледот како концептот, со тоа што Nissan Z Coupe сега добива еден поагресивен изглед.
Новиот Nissan Z се одликува со долга хауба со мускулни линии и силуета која потсетува на првата генерација на Z. Помалку контроверзната предна решетка со правоаголен облик е задржана, а фаровите привлекуваат внимание со својот необичен дизајн и заоблените LED дневни светла. Јапонскиот производител ќе ја понуди продукциската верзија со три монотони и шест двобојни опции за екстериерот.
Од претходно е познато дека погонот е сочинет од 3,0-литарскиот битурбо V6 мотор, а истиот испорачува 405 КС и 475 Nm максимален вртежен момент. Купувачите ќе можат да бираат меѓу две опции за трансмисијата. Првата е шестстепен мануелец кој ги придвижува задните тркала и исто така има напреден систем за контрола на лансирање. Втората опција е деветстепениот автоматски менувач.
Моделите кои се опремени со деветстепениот автоматски менувач нудат Standard и Sport возачки режими, а вториот нуди унапредена контрола на забрзувањето, спортски управувачки профил, активно засилување на звукот и спортска динамична поставка.
Неколку промени во однос на претходникот
Платформата на која е поставен овој модел е модифицираната FM архитектура од претходникот, поради што моделот има иста идентично меѓуоскино растојание како претходниот модел (2.550 милиметри), но актуелниот Z е нешто поголем и неговата должина изнесува 4,379 милиметри. Ширината и висината остануваат речиси идентични – 1.844, односно 1.316 милиметри. Основните модели пристигнуваат со тркала од 18 инчи.
Новиот Nissan Z добива и нови предни и задни амортизери со поголем дијаметар во однос на 370Z. Овие нови амортизери резултираат со 20 проценти намалување на придушувачката сила со цел да се минимизира ударниот шок на нерамните површини. Засилената ригидност на каросеријата и електронскиот управувачки систем ги подобруваат перформансите во свиоците за 13 проценти.
Nissan ќе нуди две регуларни варијанти на новиот Z, а тоа се Sport и Performance. Покрај тоа што ќе биде поставен на 19-инчни тркала, Z Performance исто така ќе биде опремен и со диференцијал со ограничено пролизгување.
Ограничената Z Proto Spec варијанта исто така ќе биде достапна и ќе пристигне со жолти шапи на сопирачките, тркала во бронзена боја, кожни седшта со жолти акценти и жолти шевови, а само 240 единици од оваа варијанта ќе бидат произведени.
Ентериерот на новиот Nissan Z ја следи тематиката на екстериерот со ретро дизајн. Автомобилот пристигнува стандардно со 12,3-инчен дигитален инструмент кластер и има три аналогни инструменти поставени над инфозабавниот екран и прикажуваат притисок, турбо брзина и волтажа. Купувачите ќе можат да изберат меѓу три бои на ентериерот кои се наречени Graphite, Red и Blue.
Nissan не ги соопшти деталите околу цената и достапноста, но се очекува моделот да се појави во продажба во текот на првата половина од 2022 година.