„Протекоа“ први фотографии од новиот Nissan X-Trail
Новата генерација на моделот Juke, а наскоро ќе пристигнат и останатите новитети од палетата на SUV и кросовер модели на Nissan, како што е X-Trail
За новиот Qashqai веќе одамна се зборува, се споменува и спортскиот Juke Nismo од новата генерација, а не треба да се заборави ниту електричниот кросовер Ariya. Но, ни тоа не е се бидејќи уште кон крајот на минатата година европскиот шеф на Nissan, Џанлука де Фичи го најави и наследникот на моделот X-Trail/Rogue.
Првиот кој ќе има своја промоција е токму моделот X-Trail или Rogue, како што гласи името за американскиот пазар, а како најава пристигнуваат неговите први фотографии кои предвреме „протекоа“ во јавноста. Со својот изглед јасно се издвојува од својот претходник, а новиот X-Trail има поспортски стил и значително подобрена внатрешност. Надворешноста, односно предниот дел се истакнува со поголема V-Motion решетка од ладилникот, а тука се и LED тенките дневни светла. Задниот дел е поеволутивен и пристигнува со поспортски спојлер и нова светлосна група.
Исто како што е случајот со Qashqai, така ниту новиот X-Trail не порасна значително во однос на досегашниот модел, а моделот доби и помодерен ентериер. Возачот сега ќе се најде зад управувач со порамнето дно, а пред него ќе се најде нов дигитален инструментален кластер. Тука е и нов инфозабавен систем поставен на врвот на централната конзола, а X-Trail ќе добие и уште повеќе технологии и унапреден ProPilot полуавтономен систем за возење.
Новиот X-Trail се базира на CMF платформата развиена од страна на алијансата Renault-Nissan, а како една од опциите, според некои претходни најави, ќе се нуди и plug-in хибридниот систем на Mitsubishi, кој ќе го користи и следната генерација на моделот Outlander. Американската верзија на X-Trail, односно Rogue, би можел да добие 2,5-литарски бензински мотор со 191 КС, додека палетата на мотори за европскиот модел секако ќе биде поинаква. Сепак, повеќе детали и информации се очекуваат во следниот период.