Регулаторна ги намалува цените на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се намалува цената на горивата во нашата земја за 1,61 проценти во однос на минатата недела
Според најновите пресметки кои ги направи РКЕ, базирано на нивната методологија за пресметување на малопродажните цени на нафтените деривати, донесена е одлука за поевтинување на горивата во земјава, по поскапувањата од минатата недела.
Исто така, Регулаторната комисија донесе одлука и да се намали дополнителната акциза безоловниот бензин која беше воведена со Уредбата на владата, па сега таа наместо 3, изнесува 2 денари, што придонесува за дополнително намалување на бензините. Според тоа, заедно со намалувањето на цените на светските цени, Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 се намалуваат за 1,5 денари по литар гориво.
Според одлуката на РКЕ, од вечерва на полноќ ќе поевтини и Еуродизелот за половина денар.
Така, во согласност со најновите цени, Еуросупер БС-95 ќе се продава за 60 денари по литар, Еуросупер БС-98 ќе чини 62 денари за литар гориво, додека Еуродизел ќе се продава по цена од 53 денари за секој наточен литар гориво.
Во изминатиот седумдневен период референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар бележат намалување: кај бензинот 0,876%, a кај дизелот 0,941%. Во истиот период курсот на денарот во однос на доларот е понизок за 0,531%. Сето ова, заедно со одлуката за намалување на дополнителната акциза, придонесе за намалување на малопродажните цени на горивата во нашата земја.