Шангај 2021: Премиера за Nissan X-Trail, доаѓа во 2022
Откако американскиот Nissan Rogue дебитираше во јуни минатата година, се очекуваше дебито и на глобалниот X-Trail, што се случи на Салонот во Шангај
Забележувајќи ја својата премиера на Ауто Шангај 2021 во Кина, новата генерација на Nissan X-Trail и официјално е најавен за во Европа за летото 2022 година, што е две години по лансирањето на неговиот „брат“ Rogue во Америка. Компактниот модел ќе се приклучи на останатите нови кросовери на компанијата како што се третата генерација на Qashqai, втората генерација на Juke и целосно новиот Ariya електричен кросовер.
Причината поради која X-Trail доаѓа дури две години по премиерата на Rogue не е позната, но од Nissan затоа велат дека овој SUV ќе понуди „флексибилен и разновиден ентериер за купувачите со чувство на авантура, комбинирано со најновите технологии на Nissan“. Јапонскиот производител не открива технички спецификации околу новиот X-Trail, но вели дека ќе пристигне со компанискиот E-Power хибриден погон. Новиот Qashqai беше лансиран со истиот систем, кој е сочинет од 1,5-литарски мотор и електромотор за вкупна моќност од 190 KС и 330 Nm вртежен момент, со тоа што моторот на внатрешно согорување се користи единствено да генерира електрицитет, а тркалата се придвижувани од електромоторот. Во понудата сигурно ќе се понуди и верзија со погон на сите четири тркала со понапредни возачки режими, а исто како и претходникот, новиот X-Trail ќе продолжи да се нуди со опционален трет ред на седишта.
Кога станува збор за моделот за кинескиот пазар, новиот X-Trail ќе се најде во продажба во Народната Република во втората половина на оваа година. Според Nissan, моделот ќе понуди „врвен дизајн, посветеност до најситен детал и напредни технологии кои прикажуваат интелигентно возење и засилена конективност“. Не постојат детали околу погонот, но Nissan го претстави E-Power погонот на Салонот во Шангај, така што тој сигурно ќе се најде во поставата.
Комплетните детали околу новиот Nissan X-Trail за Европа ќе бидат познати како што ќе се наближува датумот на лансирање на моделот.