Тест Land Rover Discovery Sport: Еволутивна трансформација
Традицијата налага моделите на Land Rover повеќе да се потпираат на еволутивниот развој одколку на комплетна револуција. Од таа причина одговорните лица во компанијата одлучија моделот Discovery Sport да ги следи однапред зацртаните линии на екстериерот, а во внатрешноста да го направи скокот што го дефинира новото време
По шест годишно опстојување на пазарот британскиот Land Rover одлучи моделот Discovery Sport да добие нова генерација која ќе може соодветно да парира на сè поострата конкуренција со која треба пазарно да се натпреварува во сегментот што секојдневно се надополнува со нови преставници од речиси сите автомобилски производители.
Ист, но сосема различен
Можеби делува малку збунувачки, но сепак ова е новиот Discovery Sport. Не, не станува збор за благ „фејслифт“ затоа што повеќе од 70% од неговите делови се нови, речиси и секој панел на каросеријата. Превземени се единствено поклопецот за моторот, покривот и задната врата. Воедно, неговата платформа сега доаѓа во облик на новата C-SUV архитектура на Land Rover, која исто така ја користи новата генерација на Range Rover Evoque. Однадвор, промените делуваат суптилно. Новата решетка на ладилникот е поставена пониско и во случајов е поширока, таа доминира со предниот дел, и во исто време ја турка „визуелната маса“ на возилото надолу со што е добиен поробусен и спортски изглед.
Покрај новите панели кои се употребени на каросерија забележливи се новите светлосни групи на предниот дел со дневни светла кои го носат препознатливиот потпис на брендот, додека задните светла се изведени со нови LED светла кои поседуваат трендовски динамички индикатори. Иако не изгледа многу поинаку, „малиот“ Disco навистина делува многу подобро и поскладно од колку предходно. Кохезивениот дизајн на суптилен начин повторно со помош на еволутивниот начин на креирање одлично го вклопува Disco Sport во портфолиото на семејството.
„Малиот“ Disco како Range Rover
Внатрешноста е местото каде што се случија повеќето очигледни промени, изгледот на кабината носи нова динамика, свежина и сјај. Комплетниот ентериер многу вешто во себе ги спојува традиционалните елементи и во исто време ги имплементира најновите технологии. Централната конзола, инфозабавниот систем и системот преку кој се управува со режимите на работа се заменети со значително посовремени верзии, со масовно подобрен систем на допир, кој конечно се збогува со континуираните задоцнети реакции. Всушност, Discovery Sport сега е далеку поблиску до Range Rover моделите одколку било кој друг модел, пред сè тоа се однесува на големиот скок во квалитетот на употребените материјали и завршната обработка. Дека е размислувано во таа насока покажуваат големиот број делови од Range Rover кои своето место го имаат најдено во кабинскиот простор, а како најочигледен пример ќе го посочиме управувачот.
Просторот на предните седишта секогаш е приоритет, но кај Discovery Sport не се изоставени ниту патниците на задната клупа која располага со комодитетот што вообичаено не се сретнува во оваа класа, благодарение на седиштата кои можат индивидуално да се поместуваат и да го менуваат аголот на потпирање. Ваквата конструкција додава можност за 2 дополнителни седишта кои се сместени во дното на багажниот простор, кои многу лесно, само со еден потег се стават во функција. Додаток кој не смее да се занемари и е секогаш добредојден кога треба да се превезат повеќе од 5 лица во исто време. Мултифункционалниот просторот за багаж (и превоз на патници) во зависност од конфигурацијата може да располага со капацитет кој варира од 754 до 1.794 литри.
Секогаш подготвен да ги изврши командите
Кога говориме за моторот во тестираниот примерок на Discovery Sport најпрво треба да посочиме дека рафинираноста и извонредниот баланс се препознатливите карактерни особини кои се задолжени на моделот да му овозможат квалитетно управување во секоја ситуација. Ергелата на Discovery Sport поседува 150 коњски сили што се расположени за галоп во секој момент, а 380 Nm се тука како производ на 2.0 турбо дизел агрегатот. Во спрега со него константно работи новиот автоматски менувач со 9 брзини што се грижи преносот на силата да биде изведен на максимално брз и ефикасен начин, а притоа да не го наруши комодитетот во управувањето. Од таа причина без проблем може моментално да ја повлечат масата од преку 1,9 тони кога возачот ќе посака имајќи покрај погонот на сите тркaла во себе и технологија „Terrain Response2“ која овозможува да се избере една од предходно сетирани опции за пренос на силата во зависност од подлога по која се движи. Во оваа конфигурација Discovery Sport забрзува до 100 км/ч за 11,4 секунди и достигнува максимални 190 км/ч, а притоа потрошувачката се искачува до 10 литри на секои 100 изминати километри.
Новиот Discovery Sport се вози прилично директно, пак ќе речеме како Range Rover Evoque со кој ја дели својата платформа, што секако не е лошо, бидејќи тоа значи дека е импресивно агилен во извршувањето на командите, без размислување од него може да се побара и поостро влегување во свијоци. Во секојдневна употреба остава убедлив впечаток кој сјае во однос на квалитетот на возењето, давајќи и предност на целокупната удобност, а бидејќи доаѓа од куќа чија што традиција е градење на врвни теренски возила ниту симнувањето од асфалтната подлога не го плашат во што се уверивме за време на неколку дневното дружење.
Традиција и препознатлив лик
Дизајнерите се погрижиле да му подарат препознатлив лик што останува верен на корените. Инжињерите го опремиле со најнови технологии и современи механички склопови. Се вели дека коцките се наредени во најдобар распоред. Традицијата е на негова страна додека конкуренцијата безмилосно напаѓа. Дали Discovery Sport ќе одолее на истите останува времето да покаже, во нашите очи тој е еден од ретките кој во целост може да одговори на барања од поширок спектар.
Цената на тестираниот модел изнесува 60.300 евра.
Технички податоци за Land Rover Discovery Sport SE D150
мотор | Euro VI, дизел, четиритактен, четирицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.999 см3 |
пречник и од | 83,0 x 92,35 мм |
степен на компресија | 15,5:1 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, common rail директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 150 KС (110 kW) при 2.800 min/-1 |
макс. вртежен момент | 380 Nm при 1.750-2.500 min-1 |
трансмисија | на сите тркала преку 9-степен автоматски менувач |
потпирање | напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 235/60 R18 |
каросерија | SUV со пет врати, седум седишта |
должина х ширина х висина | 4.597 x 2.069 x 1.727 мм |
меѓуоскино растојание | 2.741 мм |
траги (напред/назад) | 1.636/1.642 мм |
тежина | 1.953 кг |
максимална тежина | 2.650 кг |
багажен капацитет | 754 литри |
резервоар | 65 литри |
максимална брзина | 190 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 11.4 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 5,1/7,2/5,5 л/100 км |
емисија на CO2 | 144 г/км |
Land Rover Discovery во Македонија:
Land Rover Discovery Sport D150 | 48.700 евра |
Land Rover Discovery Sport HSE D180 | 69.300 евра |
Land Rover Discovery Sport R-Dynamic HSE D240 | 75.600 евра |
Land Rover Discovery Sport B200 | 50.100 евра |
Land Rover Discovery Sport S B200 | 57.000 евра |
Land Rover Discovery Sport SE B200 | 61.700 евра |
Land Rover Discovery Sport HSE B200 | 68.100 евра |
Land Rover Discovery Sport R-Dynamic HSE B250 | 75.100 евра |
Конкуренти:
Jaguar F-Pace | oд 58.200 до 86.400 евра |
Mercedes GLE | oд 80.880 до 113.980 евра |
Повеќе информации во Аутомобили Гроуп или на тел. (02) 3093 024