fbpx

Тест Opel Corsa: Силна урбана опција

Новата генерација на моделот Corsa пристигнува со дизајн кој вешто ги сплотува спортскиот и елегантен изглед во една целина. Во неа е вградена и потполно нова моторизација, а имплементацијата на новоразвиени технологии го дополнуваат ефектот за напреден и модерен автомобил

Новата, шеста генерација на германскиот супермини, тимот на Авто Плус имаше прилика пред само два месеци да ја запознае на интернационалната презентација која се одржа во средна Далмација, Хрватска, а сега на домашен терен имаме можност подетално да се увериме во квалитетите на новата Opel Corsa.

Карактерен изглед со препознатлив ДНК

На прв поглед веднаш е забележливо дека новата Corsa изгледа позрело, дизајнерите користеле помалку меки потези, а на нивно место настапуваат конкретни, германски линии со што е постигнат посилен изглед кој ја истакнува елеганцијата и динамиката преку напредниот дизајн. Софистицираноста е забележлива штом се погледне предниот дел, каде обликот на маската, поставеноста на светлосните склопови и имплементацијата на магленките создаваат целосна хармонија.

Надворешност 1/4 |
Надворешност 2/4 |
Надворешност 3/4 |
Надворешност 4/4 |

    Кровната линија потсетува на купе автомобил што допринесува за подобрување на аеродинамиката и преку која се прикажува спортскиот имиџ, додека задниот дел ја дополнува мускулестата форма со интегрирање на спојлер над задното стакло. Потезите кои се влечени по надворешноста несомнено велат дека Corsa е карактеристичен Opel во кој можете да препознаете ДНК на предходните генерации што јасно вели дека ова е ново продолжени на малата молња кое е подготвено да удира силно.

    Време на модерни технологии

    Кабината е место во кое се поминува најголемото време во автомобилот, затоа инжињерскиот тим кој работел на новата Corsa се обидел ова место да биде што е можно подбро изведено. Имено, имплементацијата на нови технолошки решенија и модерни опции е сеопфатно применета. Централната конзола е благо накосена кон возачот, а на неа главната улога ја игра 7 инчниот екран осетлив на допир преку кој се командува со повеќето секундарни функции.  Декоративните елементи и атрактивните шавови како и спојот на останатите детали ја прават кабината особено атрактивна.

    Просторот кој е на располагање потврдува дека комодитетот е задржан на високо ниво, како на предниот дел така и на задната клупа. Практичноста во мало пакување се заокружува со багажниот простор, неговата форма е правилна и лесно достапна, истата располага со зафатнина што изнесува повеќе од 300 литри.

    Corsa

    Она со што може да се пофали оваа генерација се новите технологии и системи за помош кои обично се среќаваат кај повисоките класи на возила. Вистински белег се прилагодливите IntelliLux LED матрикс светла, што Opel ги нуди за првпат во сегментот. Покрај тоа, постојат бројни најсовремени системи за помош, како што се предупредување за судир со автоматско сопирање во итни случаи и детектирање на пешаците, како и адаптивна контрола на брзина, дебитантско преставување кај Corsa има и системот за одржување на возилото во коловозна лента, овие асистенти се грижат времето поминато со Corsa да биде што е можно побезбедно и порелаксирано.

    Подготвен да одговори на предизвиците

    Новата генерација на Corsa е опремена со особено економични бензински и дизел мотори. Кај бензинците главната улога ја игра 1,2 литарскиот агрегат со три цилиндри кој доаѓа во три различни изведби со јачина од 75 КС, 100 КС и 130 КС. Дизелската верзија е со моќ од 100 КС кои ги испорачува четирицилиндерски 1.5 мотор опремен со турбополнач.

    Во оваа прилика на располагање ни беше одстапена верзијата со почетна моторизација која во атмосферска изведба испорачува 75 КС и 118 Nm вртежен момент, а е спарен со мануелна менувачка кутија која поседува 5 степени на пренос. Постигнувањата се во зоната од 13,2 секунди за забрзување до 100 км/ч, додека максималната брзина која се испорачува изнесува максимални 174 км/час. Перформансите кои се напишани на хартија можеби не делуваат уверливо, но во секојдневна употреба Corsa во овој облик испешно се справуваат со предизвиците во сообраќајот.

    Како дополнување на податоците во прилог оди и нејзината потрошувачка која за време на тестот поминуваше 6 литри на секои 100 километри, со што го заслужува епитетот на еден од најекономичните модели во класата. За да се постигнат овие карактеристики инжињерите напорно работеле на намалување на тежината, затоа во споредба со својот претходник, новата Corsa е полесна за околу 10 проценти.

    Надворешниот изглед кој е со подинамични и спортски линии го преточува тоа чувство и во возењето. Управувањето со новата Corsa е подинамично и подиректно, што придонесува за повеќе забава, тоа е постигнато со поставување на возачката позиција пониско со што центарот на гравитација е понизок. Ваквиот ‘сетап’ овозможува вистинско уживање на патишта кои изобилуваат со свијоци дури и во основната моторна изведба, а во исто време создаваат чувство на комфор кога се вози на автопат. Директниот и прецизен управувач, како и изведбата на потпирањето го дополнуваат пријатното чувство што ја комплетира во целост сликата за еден од најуправливите мали автомобили.

    Цената на тестираниот модел изнесува 14.480 евра. За повеќе информации посетете го продажниот салон на Opel.

    СИТЕ ПРАВА ЗАДРЖАНИ-НИТУ ЕДЕН ДЕЛ, ТЕКСТ ИЛИ ФОТОГРАФИЈА НЕ СМЕЕ ДА СЕ РЕПРОДУЦИРА ИЛИ ДИСТРИБУИРА НА БИЛО КОЈ НАЧИН И НА БИЛО КОЈ ЈАЗИК БЕЗ ПРЕТХОДНА СОГЛАСНОСТ ОД РЕДАКЦИЈАТА НА АВТО ПЛУС. НОСИТЕЛ НА АВТОРСКИТЕ ПРАВА ВРЗ ТЕКСТОТ И ФОТОГРАФИИТЕ Е АМПТЕАМ ДООЕЛ.

    Поврзани вести

    Back to top button