fbpx

По Seat, пристигна и освежената Cupra Ateca

Освежената верзија на еден од најуспешните SUV модели на Seat беше прикажана минатата недела, а во меѓувреме се појави и обновената Cupra Ateca

Исто како и Seat Ateca, така и спортската верзија на Cupra доби подновен изглед, инспириран од поновите модели на овој подбренд на шпанскиот производител, а тоа вклучува поинаква предна маска, редизајнирани браници и новите алуминиумски тркала. Cupra прифати голем дел од елементите кои се најдоа кај регуларниот модел, додавајќи некои свои карактеристики во овој микс. Меѓу нив се и изменетите LED светла кои ја приближуваат Ateca со поновите продукти како Leon и Tarraco. Предната решетка од ладилникот е инспирирана од Formentor моделот, а забележливи се и поголемите отвори за воздух на предниот дел. На задниот дел се наоѓаат LED задни светла со динамични индикатори.

Cupra Ateca мина и низ освежување во внатрешноста, па така сега е присутен и нов управувач обложен со кожа и унапреден инфозабавен систем со нов HMI интерфејс и репозициониран 9,2-инчен екран чувствителен на допир. Освежената Cupra Ateca доби и нов 10,25-инчен дигитален кокпит. Бакарните акценти, новите материјали и тапацир се исто така дел од рестилизацијата на моделот. Автомобилот пристигнува со побогата опрема, широка листа на безбедносни и системи за асистенција на возачот, кои вклучуваат Predictive Adaptive Cruise Control, странична и Exit асистенција, предна асистенција и автоматско сопирање за избегнување за судир, како и Travel Assist.

Cupra Ateca

Освежената Cupra Ateca и понатаму се напојува со 2,0-литарски TSI четирицилиндричен турбо бензинец. Моќноста на сите четири тркала се испорачува благодарение на DSG автоматскиот менувач со двојна спојка. Моторот испорачува 300 КС и 400 Nm максимален вртежен момент. Но, и покрај ова, Cupra успеа да го забрза спринтот од нула до „стотка“ преку тјунирање на системот 4Drive за максимизирање на триењето и перформансите. Сега, за спринтот од 0 до 100 km/h се потребни 4,9 секунди, односно 0,3 секунди помалку од претходно. Максималната брзина останува непромената – 247 километри на час.

Во пакетот, покрај 4Drive погонот на сите четири тркала, се наоѓа и aero body kit. Истиот вклучува преден спојлер, прагови, заден дифузор и заден покривен спојлер. Тука е и спортскиот Akrapovič издувен систем со четири издувни цевки, спортски приспособен систем на потпирање и помоќни сопирачки. Дотераниот ентериер се одликува со спортски седишта и управувач, кожа и спортски педали. Launch Control и адаптивната контрола на шасијата (DCC) остануваат стандардни.

Поврзани вести

Back to top button