Тест BMW 118i: Нова филозофија со стари навики
Серијата 1 на BMW во својата трета инкарнација се збогува со традицијата, погонот повеќе не е на задната оска, со што марката го носи овој модел во сосема нова насока. Ваквиот пресврт за ентузијастите значи голема загуба, но за мнозинството тоа воопшто и не претставува суштинска разлика.
Кога и да се каже нешто за серијата 1 на BMW контекстот на разговорот содржел дел во кој се напоменува дека тоа е единствениот модел во класата што доаѓа стандардно со заден погон. Тој податок беше точен сè додека на пазарот не пристигна новата генерација на популарната „единица“. Но, како времето се менува така Германците го изменија начинот на кој што ги конструираат автомобилите. Од таа причина серијата 1 е поставена на истата платформа што ја користат Mini Clubman, Countryman, BMW Active Tourer, X1 и X2, затоа од сега силата стандардно се дистрибуира на предните тркала. Да точно е, серијата 1 во својата трета инкарнација се збогува со традицијата и тргна во нов правец, за ентузијастите голема загуба, но за многумина тоа воопшто и не претставува суштинска разлика.
Препознатлив од секој агол
Стајлингот е секогаш прашање на вкус, но во наши очи серијата 1 има покомпониран и далеку поспецифичен изглед одколку неговите директни ривали, особено со М спорт пакетот. Спортско елегантната силуета, контурите кои во целост ја нагласуваат атлетската нота и заоблените линии на краевите му даваат атрибути со кои може да се истакне и да го нагласи својот идентитет.
Компанијата отиде доволно далеку за да се усогласи со модерните трендови, а сепак направи познатите линии на автомобилот да станат малку повеќе изразени и по мускулести. Новиот бран носи зголемена предна решетка со која сега прави бубрезите да се сретнуваат во средина наместо да се разделуваат како што тоа беше предходно. Обликот на предните светла е далеку поелегантен од порано и му даваат нов софистициран изглед на компактниот модел.
Страничниот профил открива лесно ажуриран „Хофмејстер“ третман, додека карактерната линија сега се наоѓаат под рачките на вратите и постепено се движи нагоре како што се доближува кон задниот дел, со овој потег е добиена подинамична силуета. Пошироките, тенки задни светлосни групи создаваат превид дека во суштина станува збор за многу поширок автомобил, со што тука е играно на картата која го носи спортскиот печат при дизанирањето. Клучот кај предходниот но и кај новиот модел се чистите дизајнерски линии што го прават секогаш да биде препознатлив како BMW.
Позајмено од поголемите модели
Како што веќе напоменавме серијата 1 сега е поставена на нова платформа, а бенефитот од ваквиот тип на конструкција е само плус за новата генерација. Таа поседува малку поинакви размери од предходно, што ја прави поширока и подолга од порано и воедно носи повеќе простор во внатрешноста. Комодитетот на предниот дел е за пример, а со поместувањето на погонот добиен е дополнителен простор на задната клупа која често беше критикувана како тесна и недоволно гостопримлива. Добивката е евидентна и кај просторот за транспорт на багаж, неговиот капацитет сега е со волумен од 380 литри.
Севкупно гледано, кабинскиот простор кај серијата 1 е голем исчекор напред во споредба со предходната генерација и слободно може да се каже дека поставува нови стандарди во хечбек сегментот. Повеќето од новоразвиените технологии кои премиерно беа претставени во поголемите модели свое место пронајдоа и во најмалиот автомобил на куќата. Така, новата генерација на инфозабавниот систем како стандард доаѓа во големина од 8,8 инчи и оди до 10,25 инчи во диајгонала. Истото важи и за материјалите кои се употребени во неговата изработка, секој поединечен прекинувач го има она „клик“ при користењето што недвојбено укажува дека станува збор за преставник од премиум сегментот.
Контраверзна одлука
BMW и погон на предни тркала, BMW и погон на предните тркала плус три-цилиндри! Незамислива комбинација до пред извесно време за премиум производителот со сино-бел пропелер на носот. Но, од марката велат дека сега е време е за вистинска промена. Типичните својства се тука, само пакувањето е поразлично. Турбо бензинецот од 1.5 литри, кој е достапен во нашето тест возило, произведува импресивни 140 КС. Со него 118i стигнува до ознаката од 100 км на час за 8,5 секунди, додека максималниот вртежен момент од 220 Nm му помага со тоа што влечната сила ја става на располагање од ниски 1.480 врт/мин.
Во целата програма влегува и менувачот со двојна спојка и 7-степени работи во перфектна корелација со агрегатот. Секогаш е во степенот на пренос во кој треба да биде, реагира молскавично брзо и интелигентно го следи ритамот со кој се управува автомобилот, што секако преставува дополнително уживање. Со овие механички склопови 1.300 кг тешкиот 118i ја достигнува максимална брзина од 215 км на час. Заради неговата добра изолација, тешко може да се забележи трицилиндричниот мотор или бучавата при возење, така што многу лесно може да се случи да патувате побрзо одколку што предвидува законот. Бидејќи станува збор за мотор со 3 цилиндри потрошувачката е од исклучителна важност, декларираните вредности не успеавме да ги постигнеме, но просекот од 8,5 литри на секои 100 километри во не баш оптимални услови на возење може да се земе како одлична вредност.
Прецизно и флексибилно управување
Управувањето со моделот 118i М Sport е максимално избалансирано, прецизно кога од него ќе го побарате тоа, но е доволно флексибилно да не го наруши комфорот. Иако автомобилот е подесен на спортска страна, на ниту еден начин не одзема од премиум чувството што негов своевиден „заштитен знак“.
Новата серија 1 сигурно изгледа како BMW, па дури и вози како останатите модели на минхенската марка. На прашањето дали може компактен автомобил со трицилиндерски мотор и погон на предните тркала навистина да биде BMW… следува одговорот кој доаѓа како заклучок по неколку дневното дружење со 118i и звучи едноставно, ДА! А како им успеало на инжињерите да го постигнат тоа е сосема друга тема за разговор.
Цена на тестираниот модел: 26.990 евра
Технички податоци за: BMW 118i M Sport:
мотор | Euro VI d-TEMP, бензин, четиритактен, трицилиндерски, водено ладен, сместен напред надолжно |
работна зафатнина | 1.499 см3 |
пречник и од | 94.6 x 82 мм |
степен на компресија | 11:01 |
напојување | две брегасти оски во главата, четири вентили по цилиндар со варијабилни фази на работа, директно вбризгување на горивото, компресор, интеркулер |
максимална моќ | 140 KС (103 kW) при 4.200-6.500 min/-1 |
макс. вртежен момент | 220 Нм при 1.480-4.600 min-1 |
трансмисија | на предни тркала преку 7-степен автоматски менувач |
потпирање | напред Мекферсонови нозе, независни попречни рамења, стабилизатор, назад мултилинк, спирални пружини, телескопски амортизери |
сопирачки | напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ЕЅР, ТСЅ |
пневматици | 225/45 R17 |
каросерија | хечбек со пет врати, пет седишта |
должина х ширина х висина | 4.319 x 1.799 x 1.434 мм |
меѓуоскино растојание | 2.670 мм |
траги (напред/назад) | 1.565/1.565 мм |
тежина | 1.290 кг |
максимална тежина | 1.845 кг |
багажен капацитет | 380 литри |
резервоар | 42 литри |
максимална брзина | 215 км/ч |
забрзување 0-100 km/h | 8,5 секунди |
потрошувачка (отворен пат/град/просек) | 4,5/7,4/5,6 л/100 км |
емисија на CO2 | 126 г/км |
Конкуренти:
Mercedes-Benz A Класа | од 26.500 до 70.500 евра |
Volkswagen Golf 8 | од 25.458 до 33.539 евра |
Повеќе информации во M Кар или на тел. (02) 3096 600